Екипа на РЕК “Битола“ деновиве ги заврши работите околу санацијата на котларата на битолската клиничка болница, откако менаџерскиот тим тоа го побара од стручните лица од Комбинатот.
М-р Пеце Матовски координатор за електро-машинско одржување во РЕК „Битола“, за интервенциите на стручниот тим во болницата рече:
-По барање на болницата за подобрување на работата на котларата на болницата се извршени повеќе работик, како, санација на колектор-собирник на пареа, репарација на вентили и санација на ниво показни и температурни инструменти. Исто така е извршена санација на дел од доводните цевко до котелот и санација на дренажниот цевководен систем. За подобра ефикасност на самиот котел, е извршена негова санација, односно опшивката на самиот котел. Со овие извршени работи се отстранети појавените дефекти и се подобри комплетното работење на котларата, и да нема загуби на пареа и вода.
-И во минатото, РЕК “Битола“ интервенираше на одржување на системот за греење во болницата, интервентно во текот на зимата, а оваа годинава направени се превентивни зафати за да се избегнат слични ситуации. Зафатите во Клиничка болница Битола се дел од активното практикување на општествената одговорност на АД ЕСМ и РЕК “Битола“, велат од РЕК “Битола“.
Директорот на клиничката болница – Битола, Зоран Лазаров, и претходно рече дека имаат проблеми со котларата на болницата, поради застарениот систем и поради лошиот квалитет на мазутот кој се набавува, но се надева дека нема да бидат критикувани за загадување на воздухот во оваа грејна сезона која се наближува.
-Имаме нов проект со кој ќе го намалиме загадувањето, а ќе ја зголемиве ефикасноста на работењето на систените за греење, ладење и вентилација која го изработи Кралскиот институт на Шведска. Но, дотогаш се надеваме дека со помош на стручните екипи на РЕК “Битола“ кои интервенираа во нашата котлара ќе имаме подобрување и поголема ефикасност во системот за греење, рече Лазаров.