Анестезиологија

Служба за анестезија, реанимација и интензивно лекување


Анестезиологија


Историја

Почетоците на Службата за анестезија, реанимација и интензивно лекување САРИЛ датираат од доаѓањето на првиот анестезиолог-реаниматор во Битола д-р Павле Митревски во 1965 година. Тогаш започна да се организира анестезиолошката дејност.

Растот на службата продолжува со доаѓањето на д-р Димитар Секуловски, кој воведува нови методи во работата, примена на механичката вентилација со отворање на Оддел за реанимација и интензивно лекување ОРИЛ во 1973 година. Овој оддел со 6 кревети, бил опремен да лекува најтешки болни со загрозени витални функции, коматозни болни, болни со нарушен ацидобазен и електролитен баланс, болни со политраума, шокови состојби, интоксикации итн.

Д-р.Секуловски е заслужен и за воведување на централно снабдување со медицински гасови во болничките соби, оперативен блок и ОРИЛ.


Најсовремени техники

Во текот пет децении постоење во службата се изгради високостручна екипа на специјалисти, кои ги практицираат сите анестезиолошки техники и ги применуваат најсовремените принципи за третман во реанимацијата и интензивното лекување.

Предоперативно се проценува општата состојба на пациентот, анестезиолошкиот оперативниот ризик, видот на анестезијата и доколку е потребна подготовка за безбедна анестезија.

Интраоперативно се следат виталните параметри, се води анестезијата со цел пациентот да е обезболен, да е во хипноза и мускулна релаксација со цел безбедно да заврши интервенцијата.

Постооперативно во собата за будење продолжува надзорот врз оперираниот до негово безбедно и безболно испраќање до матичниот оддел.


Третман во интензивното лекување

Освен горенаведениот периоперативен ангажман на анестезиологот, друг сегмент од дејноста е работата во одделот за интензивно лекување, каде се работи со критични болни и каде се поддржуваат виталните функции и со одење на тенка жица се надоместуваат сите отстапувања од еквилибриумот.


Третман во реанимацијата

Третиот нераскинлив дел од одговорната работа е реаниматорската, со улогата на консултант на сите останати служби и итни случаи во болницата.


Тимска работа

Анестезиолошкиот дел се состои од доктор специјалист анестезиолог и медицинска сестра – анестетичар, која е специјално едуцирана за тимска работа во оперативна сала.

Во ОРИЛ анестезиологот, реаниматор - интезивист тимски работи со специјално едуцираниот сестрински кадар за примена на најсовремен третман во интензивното лекување.


Организациона поставеност

Со систематизацијата, САРИЛ располага со:
  • Оддел за предоперативна подготовка
  • Соба за будење
  • Механичка вентилација,
  • Респираторна терапија
  • Анестезија во оперативните служби
Со одделите раководат шефови на оддели, а со службата раководител.


На услуга на сите хирушки служби

САРИЛ со анестезиолошки услуги ги опслужува сите хируршки служби, како за елективен програм, така и за итни оперативни интервенции.

Во текот на една година се реализираат 2000-2500 анестезии, а за предоперативна проценка и подготовка во анестезиолошка амбуланта годишно се обработуваат 1200 до 1500 пациенти.

Во ОРИЛ кој располага со 6+2 болнички кревети, годишно се лекуваат околу 400 пациенти, при што се остваруваат 1200 болнички денови.


Високо едуциран кадар

Денес, Службата за анестезија, реанимација и интензивно лекување располага со високо едуциран кадар, и тоа:

8
Доктори специјалисти
(од кои 2 примариуси и 1 магистер на науки)
3
Доктори на специјализација
25
Медицински сестри
(од кои 6 со висока, 1 со виша стручна спрема и 18 со ССС)
5
Болничари
(од кои 2 со основно образование и 3 со ССС-со положен курс за болничари)


Регионален опфат

Со стручниот кадар, опремата и просторните можности со кои располага, САРИЛ е во состојба да ги прифати и третира сите болни од Југозападниот регион на Република Македонија.