Гинекологија и акушерство

Гинекологија и акушерство


Гинекологија и акушерство


Историја

Од 1986 година, па до сега, под влијание на турбулентните општествено политички прилики на крајот на 90-тите години, тогашната Служба за заштита на жената без своја вина претрпи големи трансформации и нужно реорганизирање. Ваквите промени немаа секогаш целосно позитивен исход за развојот на самата служба. Но, најважно е што со несебична заложба на сите тогашни и сегашни вработени во службата, од сите стручни категории, во ниеден момент, грижата за здравјето на жената и заштитата на бремената жена не беа доведени во прашање.

Распадот на Југославија и осамостојувањето на Република Македонија неминовно доведоа до такви турбулентни појави, како во сите области на општествениот живот, така и во здравството. Сепак, смената на генерациите во кадарот успешно се спроведуваше. Кадрите кои беа главни носители на дејноста во 1986 година, успешно беа заменети од млади доктори, кои покрај постоечките методи на работа, воведоа и развија и нови методи како: ехотомографската дијагностика во гинекологијата и акушерството и ендоскопска хирургија. Пионери во тоа беа: д-р В.Поповски, д-р Т.Трпчевски, д-р Р.Талевски, д-р М.Андоновски, како и останатите, секој во рамките на своите можности.

Во периодот од овие триесеттина години економските можности на општеството не овозможуваа подрастична модернизација, но со напорите на тогашното раководство и вработените се воведуваше и нова апаратура, иако со скромен интензитет.

Така беше се до 2000-2001 година, кога со техничка донација од Јапонската влада значително се подобри состојбата во службата во поглед на апаратурата и опремата. Беа генерално реновирани оперативните и родилната сала, службата доби нов ехо апарат и неколку комплети на нови инструменти за гинеколошко-акушерски интервенции. Генерално беше реновиран и стационарниот дел за родилки.

Бројот на кадри со високо образование, односно доктори специјалисти, значително се зголеми. Во еден период имаше дури 14 доктори специјалисти.

Со реформата во 2004-2005 година која следеше, односно со одделувањето на Здравствениот дом и Општата болница во две посебни работни едицини, односно одделувањето на примарната и секундарната здравствена заштита, дел од специјалистите останаа во примарната здравствена заштита. Поради ова, во еден период одделението остана само со 10 доктори специјалисти.

Следеше ново осипување на кадарот со одењето на дури четири специјалисти во приватна гинеколошко-акушерска болница која се отвори во 2011 година.

Сето ова, заедно со тешката економска состојба во Република Македонија, предизвикаа тешки услови за македонското здравство, во кое значајна улога од секогаш играло и битолското здравство со неговото гинеколошко-акушерско одделение.

Денес, примарната заштита на жената е посебна и не е во рамките на гинеколошко-акушерското одделение.


Основна дејност

Во доменот на работа на Гинеколошко акушерското одделение спаѓаат: гинеколошките заболувања кај женската популација, дел од здравствената заштита на бремените жени и породувањата, односно сè она што спаѓа во здравствена заштита на жената на секундарно ниво.


Современи методи

За среќа, со тек на време почнаа да се чуствуваат и позитивни струења во однос на логистиката на гинеколошко-акушерското одделение. Во 2011 година беше набавен најнов и најсовремен ехо-апарат во тоа време, а воведен беше и нов метод од полето на асистирана хумана репродукција – инсеминацијата. Сите воведени методи се задржани до денес, освен ендоскопската хирургија, која е во мирување поради амортизираност на апаратурата.


Високо едуциран кадар

Гинеколошко-акушерското одделение располага со високо едуциран кадар, и тоа:

8
Доктори специјалисти гинеколози-акушери,
(од нив 2 примариуси и 2 магистри на медицински науки)
3
Специјализанти
26
Медицински сестри – акушерки,
(од нив 16 со високо образование, 1 со вишо образование и 9 со средно образование)
8
Болничарки и сервирки на храна


Организациона поставеност

Одделението е организирано на следниов начин:

  • Две операциони сали со полуинтензивна нега, со раководител на оддел и одговорна сестра.
  • Родилна сала и пуерпериум, со раководител на оддел и одговорна сестра.
  • Конзервативна гинекологија, со раководител на оддел и одговорна сестра.
  • Ендоскопска гинекологија, со раководител на оддел.
  • Патолошка бременост, со раководител на оддел.
  • Кабинет за стерилитет и инфертилитет, со раководител на кабинет.
  • Приемна амбуланта, каде има само одговорна сестра, а одговорен доктор е тековниот дежурен.
Одделението има раководител и главна медицинска сестра кои се грижат за сèвкупната организација на работата.