Неонатологија

Неонатологија


Неонатологија


Историја

Неонатологијата како гранка на педијатријата, во Битола, се одвојува во 1951 година, со отварање на посебна просторија, т.н. Соба за новородени. Веќе во 1958 година се наметнува потреба за реорганизирање на просторот во два оддели: за здрави и доносени и болни и недоносени бебиња. Во 1962 година се изведува првата ексангвинотрансфузија во Македонија.

Воедно, започнува детекција и рано лекување на вродена дисплазија на колковите на новородените, за што се води и посебна документација. Негата на новородените ја вршат негувателки, па бабици кои работат во гинеколошко-акушерското одделение. Во 1967 година за прв пат се поставува медицинска сестра со постојано работно време, а од февруари 1969 година работи и првиот педијатар, д-р Ѓорѓи Османли.

Д-р Османли, заедно со една медицинска сестра, две акушерки и две бабици, го формираат постојаниот персонал на одделот. Со тоа работата добива нов квалитет. Се воведува редовна визита за мајките, при што им се даваат совети за нега и исхрана на бебињата. Во овој период се воведува посебна и комплетна администрација.

Во октомври 1971 година неонатолошкиот оддел добива нови и посовремени услови за работа во новата болница: четири поголеми боксови со вкупно 45 креветчиња распоредени во работни единици за здрави доносени, недоносени и болни новородени.

Во 1973 година набавени се првите два инкубатори, два бебитерми и еден окситерм. Со ова негата се подигнува на повисоко ниво. Бројот на раѓања во овој период се движи меѓу 1600-2000. Притоа недоносени се 5 до 7%, ран неотален морталитет има кај 2%, смртноста на недоносени е 19%, а перинаталната смртност 28 промили.

Во 1980 година во тимот се приклучува уште еден педијатар, д-р Вангелов.


Прв македонски регистер за ризични деца

Во 1982 година се воведува Книга за ризични деца (ризико регистер) за прв пат во Република Македонија. Истата година се набавени првите ламби за фототерапија, со што поефикасно и порационално се решава иктерусот (жолтица) кај новородените.

Во 1985 година пристигнуваат два нови специјалисти: д-р Темелковска и д-р Апчевска. Во 1990/1991 година се приклучуваат и специјалистите: д-р Пејковска, д-р Балевска и д-р Момева.

Од 1991 година Неонатологија функцонира како посебна служба, со целосно одвоена организациона и административна поставеност и стручен кадар. Ова е период на техничко доопремување со нови инкубатори, фотоламби и централен гасовод. Во 1995 година лекарскиот колегиум го надополнува и д-р Џарлиева.

Овој период е карактеристичен по опаѓање на вкупниот број на раѓања (1450-1900), недоносеноста е 4-7%, ран неонатален морталитет 1%, смртност на недоносени 10%, додека перинаталната смртност изнесува 15-18 промили.


Современа опрема и стручно усовршување

Во декември 1999 година одделението добива нова, современа техничка опрема од Јапонија, со што се подобруваат условите за нега, дијагностика и третман на новородените.

Персоналот ги користи сите можности за стручно усовршување, учествувајќи на бројни семинари, работилници, симпозиуми, конгреси, како и преку престојување во повисоки научно-медицински установи во републиката и странство.

Од март 2000 година започнува реновирање на акушерското и неонатолошко одделение по иницијативна програма на Уницеф “Baby friendly hospital” (Болница - пријател на бебињата).

Во меѓувреме работниот колектив го надополнија и д-р Василевски, д-р Николовска, д-р Митревска и уште неколку медицински сестри.


Организациона поставеност

Неонатолошкото одделение е поделено на два дела:

  • Rooming-in, со 24 часовен престој на здраво новородено со мајката. Со ова се обезбедува спокојство и топлина на децата и доење по барање на бебето, а се со цел да се воспостави цврста емотивна врска помеѓу мајката и детето. Тоа е е идеален предуслов за здрав почеток на животот и можност за изградба на емотивно здрава и стабилна личност.
  • и
  • Специјална нега – оддел за недоносени и ризични деца, на кои им е потребен мониторинг на виталните функции, бебиња кои се под надзор од најразлични причини, недоносени кои престојуваат во инкубатор и сл.


Високо едуциран кадар

Тимот кој што работи на ова одделение ги има поминато сите обуки и едукации неопходни за згрижување на недоносено, ризично, но и здраво доносено новороденче.

Одделението располага со високо едуциран кадар, и тоа:

3
Педијатри-неонатолози
( од кои 2 се примариуси)
10
Медицински сестри
( 3 со висока и 2 со виша стручна спрема)
2
Хигиеничарки


Место каде започнува новиот живот

Одделението за неонатологија е една од најубавите служби во Клиничката болница Битола, бидејќи тоа е местото каде започнува нов живот.

Тоа е место каде што доаѓа еден пациент-бремената жена, а заминуваат најмалку двајца-мајката и бебето.

Ова одделение нуди здравствена заштита на најчувствителниот дел од популацијата, дел кој ќе ја гради нашата иднина, а тоа е новороденото.

Сепак, од година во година евидентен е падот на вкупниот број на раѓања. За 2015 година вкупниот број на раѓања е 1.019, прематуритет 7%, ран неонатален морталитет и морталитет на прематурни околу 0.4%, а перинатален морталитет 7.8 промили.