Ургентна медицина

Ургентна медицина


Ургентна медицина


Историја

Службата за ургентна медицина (прием,тријажа,ургентна реанимација) е формирана 1987 како прва и единствена од тој тип во Република Македонија. Д-р Васо Радивојевиќ ја оформува функционално,просторно и персонално. Во следните неколку години сукцесивно се приклучуваат и останатите колеги специјалисти по ургентна медицина: д-р Аца Јовановска, д-р Зоран Лазараов, д-р Ахилео Огненовски (моментално во САД), д-р Миле Наумовски, д-р Виолета Крстевска, д-р Благој Јовановски и д-р Надежда Тодоровска. Сите специјализација завршиле во Сараево (БиХ). Денешниот лик службата го добива со заедничко залагање на сите вработени. Свој придонес дале и голем број лекари по општа медицина: д-р Теофил Димитровски, д-р Даниел Поповски, д-р Горан Петровски, д-р Јулијана Томска, д-р Лидија Димитровска, д-р Емилија Иванов, д-р Тихимир Велевски, д-р Лилјана Котевска, д-р Лилјана Тодоровска, д-р Душко Димитриевски и д-р Марјан Анаќиевски. Организационата поставеност, раководењето, градбата, документацијата и се останато се црпеше од странски искуства и литература, но прилагодено на актуелните услови на почеток. Во денешни услови службата е пример за останати служби од ваков тип.


Ургентна помош за витално загрозени пациенти

Спречувањето на смрт и намалување на инвалидитетот го одредува видот на дејноста. Секој итен витално загрозен пациент е прифатен уште на влезот на Клиничката болница, а третманот започнува веднаш. Редот на итност го одредува приоритето на згрижувањето. Службата поседува сопствен тријажен простор и простор опремен за прифаќање на сите итни случаи. Просторот за згрижување во траење од неколку часа, закрепнување и опсервација на пациентите, е исто така дел од службата.


Функционална поврзаност со други служби

Службата не располага со фонд на болнички постели, ниту со дијагностички капацитети, меѓутоа истата е функционално поврзана со останатите служби и ги користи хоспиталните и дијагностичките капацитети на болницата по потреба.


24 часа дневно ургентна медицина

Службата работи деноноќно, 24 часа дневно, со ист интензитет на ниво од специјалист за ургентна медицина. Третманот и надзорот на пациентите го вршат лекарите од службата, а по потреба се вклучува и персонал од други служби конзилиарно.


Организациона поставеност

Службата за ургентна медицина во својот состав има неколку оддели и тоа:

  • Оддел за одредување на итност, тријажа. Одделот започнува од самиот влез на Клиничката болница Битола.
  • Оддел за ургентна детоксикација во која се детоксицираат алкохолизираните, наркоманите и отруените.
  • Оддел за реанимација (срцев застој и сл.)
  • Оддел за опсервација и закрепнување на пациентите по интервенцијата во службата и решавање на болки.
  • Оддел за санитетски транспорт со кој се транспортираат пациентите кои се животно загрозени до повисоките установи во Македонија и на Балканот.


Службата за ургентна медицина низ бројки

Месечно се вршат околу 1500 прегледи, односно годишно околу 20.000 прегледи. Околу 60-70% од пациентите се згрижуваат на ниво на службата, додека останатите се хоспитализираат или им е потребен третман во други служби. Годишно се транспортираат по околу 300 пациенти. Досега се направени околу 10.000 транспорти на животно загрозени пациенти без оглед на староста и дијагнозата. Од формирањето до сега, низ службата поминале 600.000 пациенти.